Крушевскиот Манифест
2-3 Август 1903
Браќа земљаци и мили комшии!

Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познаници од убавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убедувања, не можејќи веќе да ја трпиме тиранијата на жедните за крв и гладните за човечко месо муртати, што гледаат и нас и вас да не дотерат до нож, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлега на пуста пустиња, денеска дигнавне глава и решивне со пушка да се браниме од тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода.

Вие мошне арно знаете оти ние не сме лоши и разбирате оти од мака си ја кладовме главата в торба, за да заживееме како браќа на оваа земја, ние ве имаме како свои и сакаме до крај да останиме свои. Ние не дигнавне пушка против вас - тоа би било срам за нас; ние не дигнавне пушка против мирниот, трудољубивиот и чесниот турски народ, што се прехранува, како нас со крвав пот - тој е наш брат и со него сме живеале и пак сакаме да живееме; ние не излеговме да колеме и да грабаме, да палиме и да крадеме - доста ни се зулумите на безбројните деребеи по нашата сирота и окрвавена Македонија; ние не излеговне да порисјанчуваме и да ги бесчестиме вашите мајки и сестри, жени и ќерки; треба да знаете оти вашиот имот, вашиот живот, вашата вера и вашата чест ни се толку скапи, колку што ни се скапи нашите. Анџак, за да си завардиме имотот, животот, верата и честа, ние сме зеле пушка. Ние не сме муртати на својата земја, што не родила, ние не сме арамии и јанкесеџии, ами ревомуционери под клетва да умреме за правото и за слободата; ние се бунтуваме против тиранијата и против ропството: ние се бориме и ќе се бориме против муртатите, против арамиите, против зулумќарите и јанкесеџите, против насилниците на нашата чест и на нашата вера и против тие што ја користат нашата пот, и го експлоатираат нашио труд. Од нас, и од нашите села да не се плашите - никому зијан не ќе сториме. Ние не само ве имаме како свои браќа, туку и ве посакуваме како свои браќа, бидејќи разбираме оти и вие сте робје како нас, робје на царот и на царските бегови, ефендии и паши, робје на богатите и на силните, робје на насилниците и на зулумќарите, што ја запалија царштината од четирите страни и што не натераа нас да дигнеме глава за право, за слобода и за човечки живот. За право, за слобода и за човечки живот ве каниме и вас да дојдете заедно да водиме борба! Елате, браќа муслимани, при нас да тргниме против вашите и наши душмани! Елате под бајракот на “Автономна Македонија”! Македонија е заедничка наша мајка и повикува за помош. Елате да ги скршиме синџирите на ропството, да се куртулиме од маки и страданија, и да ги пресушиме реките од крв и солзи! Елате при нас, браќа да си ги слееме душите и срцата и да се спасиме, та ние и нашата чељад и пречељад да живеат мирно, да си работат спокојно и да напредуваат!...  
Мили наши комшии! Како Турци, Арнаути и муслимани, разбираме, вие си мислите, оти царството е ваше и оти вие не сте робје, штом на царскиот бајрак нема крст, а има ѕвезда и месечина. Оти не е така и оти грешите, вие брго ќе се сетите и ќе разберете. Ама ако ви е намуз да дојдете при нас и да се објавите против царската тиранија, ние, вашите по татковина и по страданија браќа, нема да се докачиме и не ќа ве мразиме. Ние сами ќе се бориме и за нас и за вас, ако е потребно, до еден ќе умреме под бајракот за нашата и ваша слобода и за нашето и ваше право. “Слобода или смрт” е пишано на нашите чела и на нашиот крвав бајрак. Ние веќе го дигнавне тој бајрак и нема враќање. Ако и вие не имате како ваши браќа и ни сакате добро, ако есапите пак да живеете со нас, како што сте живеале до сега и ако сте верни и достојни синови на мајка Македонија, можете да ни поможите само со едно нешто - а тоа е голема помош. Да не се заортачите со душманите, да не дојдете со пушка против нас и да не праете зулуми по рисјанските села!  
Нека Господ Бог ја благослови светата борба за правото и слободата!

 

Нека се живи борците за слободата и сите чесни и добри македонски синови!

 

Ура! За “Автономна Македонија”!